Тежок инцидент ја шокираше верската заедница во Еквадор, откако свештеникот Патрисио Алфредо Санчес Молинари загуби живот при падот на тежок дрвен крст за време на света литургија. Несреќата се случи на 17 октомври во црквата ‘Нестра Сењора дел Перпетуо Сокоро’ во Гвајакил, а моментот беше забележан во преносот во живо.
Според извештаите, крстот, кој беше поставен на ѕидот зад свештеникот, се откачи и падна врз него во текот на богослужбата, приближно во 27. минута од преносот, што го следеа верници во црквата и интернет корисници.
Архиепископијата на Гвајакил ја потврди смртта и упати сочувство до семејството, пријателите и верската заедница, објавувајќи: ‘Нашиот драг отец Патрисио замина во домот на Отецот’.
Засега нема информации за причините за падот на крстот, ниту дали свештеникот умрел веднаш или по добивањето медицинска помош. Веста предизвика бројни реакции и пораки со сочувство на социјалните мрежи, каде што се споделува и снимката од трагичниот настан.


