Дваесетгодишната Бренда Обен-Вега од Канада имала неверојатна среќа, но донела и многу необична одлука откако ја освоила главната премија на лотарија.
Наместо веднаш да го земе милионот долари, таа се одлучила за доживотна исплата од 1.000 канадски долари секоја недела.
Станува збор за популарна лотариска грепка што им овозможува на добитниците да изберат меѓу еднократна исплата од милион долари и неделни примања до крајот на животот.
За добивката дознала сосема неочекувано, додека била на пауза на работа. Кога ги видела трите симболи на свинска касичка на лозот, не можела да поверува дека токму таа е добитничката, па повеќепати ја проверувала комбинацијата.
Првата личност на која ѝ ја соопштила радосната вест бил нејзиниот татко. Возбудена од она што ѝ се случило, побарала и предвреме да го заврши работниот ден.
Со изборот што го направила, Бренда ќе располага со 52.000 канадски долари годишно. Ако ги прима исплатите повеќе од 19 години, вкупниот износ ќе го надмине еднократниот милион, а со секоја наредна година добивката ќе расте.
Дополнителна сигурност ѝ дава и тоа што правилата предвидуваат гарантирани исплати во период од најмалку 20 години. Ако добитничката почине пред да истече тој рок, преостанатите пари ќе им бидат исплатени на нејзините наследници.
Бренда веќе има и планови за својата нова финансиска состојба. Една од нејзините најголеми желби е да купи сопствен дом и да си обезбеди постабилна иднина.


