Вивијан Вилсон, ќерката на милијардерот Илон Маск, привлече внимание откако откри дека живее во стан во Лос Анџелес со уште три состанарки, иако нејзиниот татко е еден од најбогатите луѓе на планетата.
Во разговор за американското списание „The Cut“, Вивијан зборувала за секојдневниот живот, за финансиската самостојност и за својот однос кон богатството на Маск. Таа објаснила дека не живее луксузно и дека одлучила да дели стан со други девојки за да ги намали трошоците.
Таа нагласила дека не сака да се потпира на финансиска поддршка од татко ѝ, ниту да очекува наследство од него. Според неа, не располага со огромни суми пари, но има доволно за да ги покрие основните животни трошоци и да живее самостојно.
Нејзината приказна е уште поинтересна поради тоа што Илон Маск има богатство што се мери во стотици милијарди долари. Сепак, Вивијан јасно покажува дека не сака нејзиниот живот да зависи од финансиската моќ на татко ѝ.
Таа открила и дека размислува повторно да им се посвети на студиите, но истакнала дека школувањето претставува значителен трошок.
Вивијан е ќерка на Илон Маск и неговата поранешна сопруга Џастин Вилсон. Во 2022 година таа законски го сменила името и го презела презимето на мајка си. Односите со татко ѝ се нарушени, а во јавноста повеќепати се зборуваше за нивната отуѓеност.


