Џенифер Лопез уште еднаш покажа дека умее духовито да зборува за сопствените љубовни неуспеси. Во гостувањето кај Дру Баримор, пејачката учествуваше во разговор за разочарувањата во љубовта, браковите и разводите, а најмногу смеа предизвика моментот кога двете почнаа да се натпреваруваат во бројот на неуспешни бракови.
Дру Баримор прва ја отворила темата, велејќи дека се развела трипати, по што Лопез без зборови ја подигнала раката и покажала четири прста. Баримор веднаш се насмеала и истакнала дека Џеј Ло е првата гостинка во нејзината емисија што има повеќе разводи од неа, додавајќи на шега дека тоа ѝ дава „дозвола да се обиде уште еднаш“.
Пејачката се присетила и на слична сцена од друг настан, кога повторно се зборувало за нејзините бракови. Тогаш на публиката ѝ покажала четири прста, а некој од присутните ѝ довикнал дека ѝ остануваат уште шест. На тоа Баримор се надоврзала со подигнати раце и извикала: „Мене ми остануваат уште седум!“
Иако разговорот беше полн со шеги, Лопез зборувала и посериозно за тоа како денес гледа на своите избори, неуспеси и предизвици. Таа рече дека во животот нема правила, дека сите се трудиме колку што можеме и дека и самата го дава најдоброто од себе, и во одгледувањето на децата, и во работата, и во секојдневието. Признала дека не ѝ оди секогаш совршено, но дека секој ден дава сè од себе и дека верува оти Бог не му дава на човек товар со кој не може да се справи.
Џенифер Лопез зад себе има четири брака: со Охани Ноа, Крис Џад, Марк Ентони и Бен Афлек. Со Марк Ентони ги има близнаците Ема и Макс, а последниот брак со Афлек заврши со развод во 2025 година.
Дру Баримор, пак, била во брак трипати: со Џереми Томас, со комичарот Том Грин и со Вил Копелман, со кого ги има ќерките Олив и Френки. Иако љубовниот живот на двете често е тема на јавен интерес, тие покажаа дека за минатите врски и неуспешните бракови може да се зборува и со насмевка.


