Боксерскиот сојуз на Србија на конгресот што се одржа во Панама стана полноправен член на меѓународната организација World Boxing.
Ова членство е потврда дека Сојузот ги исполнува меѓународните стандарди и претставува важен чекор за натамошен развој на српскиот бокс.
Претседателот на Сојузот, Ненад Боровчанин, нагласи дека признанието ќе отвори нови можности за боксерите, тренерите и клубовите, а истовремено ќе ја зацврсти меѓународната позиција на Србија.
Тој порача дека работата на Сојузот е насочена кон интересите на Србија, децата, родителите, боксерите, клубовите и тренерите, и дека токму затоа биле исполнети сите поставени услови и добиена позитивна оценка од World Boxing. Боровчанин додаде дека Сојузот ќе продолжи да гради партнерства, да ја унапредува меѓународната соработка и да отвора нови можности за српскиот спорт.
Според него, ова признание е и шанса дополнително да се подобри работењето на Сојузот, да се согледаат областите каде што има простор за напредок и да се отстранат сите слабости, со цел не само да се исполнуваат меѓународните стандарди, туку и постојано да се подигнува нивото на организацијата и спортските резултати.


