Во кинеската провинција Сечуан, во градот Мејшан, се наоѓа необичната „Црква без сенка“, која привлекува големо внимание со својот впечатлив архитектонски изглед.
Објектот на прв поглед изгледа како голема бела конструкција составена од безброј тенки линии. Тој ефект го создаваат илјадници бели алуминиумски профили, поставени така што природната светлина може слободно да минува низ нив.
За овој проект е заслужно студиото Shanghai Dachuan Architects, а инспирацијата ја пронашло во француската култура, пејзажите на Прованса и импресионизмот. Црквата е изградена во рамките на кинеско-францускиот научно-технолошки парк и е опкружена со полиња со лаванда, што дополнително го истакнува нејзиниот изглед.
Највпечатлива е кога сончевите зраци паѓаат врз белата фасада, бидејќи тогаш нејзиниот изглед се менува во зависност од светлината во текот на денот.
Иако на фотографиите изгледа речиси нереално, ова е вистински архитектонски објект и уште еден пример дека современата архитектура може да ги помести границите на креативноста.


