Православните верници денеска, 27 ноември, го одбележуваат споменот на Светиот апостол Филип, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос, кој целиот свој живот му го посветил на ширењето на христијанската вера.
Свети Филип е роден во Витсаида, крај Галилејското Езеро, исто како и апостолите Петар и Андреј. Од рана возраст се запознал со Светото Писмо, а кога Христос го повикал да тргне по Него, веднаш го прифатил повикот.
По слегувањето на Светиот Дух, Филип ревносно го проповедал Евангелието низ повеќе области во Азија и во Грција. Според христијанското предание, за време на неговото проповедање се случиле многубројни чуда и исцелувања, поради што многу луѓе ја прифатиле христијанската вера.
Во градот Јерапол, во Фригија, тој проповедал заедно со апостолот Вартоломеј, со својата сестра Маријамна и со Свети Јован Богослов. Таму, според преданието, се соочиле со незнабошци што обожавале змија. Откако со молитва ја умртвиле, го разгневиле локалното население.
Свети Филип бил фатен и распнат на крст со главата надолу, а со него бил распнат и апостолот Вартоломеј. Кога земјата се отворила и ги проголтала судијата и дел од гонителите, уплашените луѓе побарале апостолите да бидат симнати од крстовите. Вартоломеј бил спасен, но Филип веќе бил упокоен.
Преданието вели дека Свети Филип пострадал во 86 година, во времето на римскиот цар Домицијан. Неговите мошти подоцна биле пренесени во Рим.
Неговиот живот и маченичката смрт остануваат сведоштво за посветеноста, верата и жртвата во ширењето на христијанството.

