Компанијата „Неуралинк“, основана од Илон Маск, доби ново одобрение од американската Агенција за храна и лекови за да ја започне следната, понапредна фаза од клиничките испитувања на својот мозочен имплант.
Станува збор за студијата LINK, во која ќе се проверуваат безбедноста и ефикасноста на технологијата кај лица со тешка парализа предизвикана од амиотрофична латерална склероза (АЛС). Целта е да се утврди дали пациентите ќе можат да ракуваат со компјутери и други дигитални уреди само преку мозочни сигнали, без какви било физички движења.
Истражувањето ќе ја следи и долгорочната безбедност на имплантот, како и неговото влијание врз самостојноста на пациентите. Од компанијата соопштија дека ова ново испитување се надоврзува на досегашните истражувања во САД, Канада и Велика Британија, во кои учествувале повеќе од 30 лица со вграден имплант.
Имплантот на Маск работи така што ги чита нервните сигнали поврзани со движењето, а потоа ги обработува и ги претвора во команди. Со нив корисникот може да го движи курсорот, да кликнува, да комуницира и да извршува различни задачи.
Доколку клиничките испитувања дадат добри резултати, тоа би било важен чекор кон добивање регулаторно одобрение за поширока употреба на технологијата. Засега, сепак, имплантот останува експериментален и нема дозвола за општа употреба или комерцијална продажба.
Амбицијата на Илон Маск е преку оваа технологија да им помогне на луѓето со тешки невролошки оштетувања повторно да воспостават комуникација со надворешниот свет и да стекнат поголема независност.

