Пејачката Калиопи отворено зборуваше за своите почетоци и односот со работата, истакнувајќи дека има високи очекувања од своите соработници. Иако на сцената се чувствува слободна, за неа е клучно работата да биде изведена точно како што е замислила.
Нејзиниот талент бил препознаен од мали нозе, а првите настапи ѝ ја покажале љубовта кон сцената. „Ме препознаа кога имав девет години. Не знаев што се случува, но уживав во настапот и сфатив дека сцената е место каде што можам да бидам целосно своја. Денес живеам така“, вели Калиопи.
Говорејќи за својата работа со тимот, таа признала дека е многу строга и дека не сака сопирања или пропусти. „Секогаш внимавам и барам работите да се реализираат според моите замисли. Понекогаш знам да бидам сурова, но моите соработници ме знаат добро“, додала таа.
Калиопи истакна дека најмногу ја радува кога нејзините колеги ги изведуваат нејзините песни, што ѝ дава дополнителна мотивација. „Тие ме оживуваат преку настапите и моите песни, и тоа навистина ми значи многу“, заклучи пејачката.

