Малата жирафа Мситуни, која е родена во 2022 година во сафари-паркот на зоолошката градина во Сан Диего, имаше сериозни проблеми со нозете од самото раѓање. Нежните предни нозе се виткале на неправилен начин, што ѝ отежнувало да стои и да оди, а не можела ниту да ја следи својата мајка.
Ветеринарите се плашеле дека без соодветен третман, овој проблем може да ѝ предизвика трајни оштетувања на зглобовите и да го загрози нејзиниот живот. За да ѝ помогнат, тимот ветеринари користел детални 3D снимки на нејзините нозе и се обратил за помош до стручњаците од „Хангер клиник“, компанија специјализирана за ортопедски помагала и протези.
Во соработка, развиле уникатни ортози од јаглеродни и графитни влакна, специјално дизајнирани за Мситуни. Овие помагала биле доволно цврсти за да ги поддржат нејзините нозе, а истовремено ѝ овозможувале слобода на движење. За да изгледаат поприродно, на ортозите додале шара која потсетува на нејзината кожа. Третманот се покажал успешен; по неколку недели, нејзините нозе почнале да се враќаат во правилна положба, а по околу два месеца ортозите биле отстранети.
Нејзиното закрепнување ѝ овозможило повторно да се придружи на стадото и да се движи без потреба од специјалните помагала.
Приказната на Мситуни е впечатлив пример за тоа каква важна улога игра соработката помеѓу ветеринарите и медицинските стручњаци во спасувањето на животните и помагањето во нивното нормално функционирање.

