Фудбалскиот свет може да очекува историски момент, бидејќи Карлос Тевез подготвува спектакуларен натпревар за неговото испраќање на „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес. Меѓу поканетите се и две од најголемите фудбалски звезди на денешницата – Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
Тевез, кој има 42 години, веќе контактирал со претседателот на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, за организирање на овој натпревар. Рикелме се согласил стадионот да биде домаќин на овој важен настан во декември.
Датумот сè уште не е официјално потврден, но се разгледуваат два викенда – 12 и 13 декември или 19 и 20 декември 2026 година. Една од опциите е и 19 декември.
На списокот на потенцијални гости, Тевез планира да покани околу 60 фудбалери и личности од светот на фудбалот, со кои соработувал или бил близок во текот на својата кариера. Меѓу нив, Меси и Роналдо се најважните имиња. Тевез со Меси играше во аргентинската репрезентација, а со Роналдо бил соиграч во Манчестер Јунајтед, па затоа неговата желба е двајцата да играат на истиот терен во негова чест.
Ако и двајцата ја прифатат поканата и бидат дел од истиот тим, тоа би било првпат Меси и Роналдо да играат заедно, што досега не се случило во нивните професионални кариери.
Тевез ја заврши својата кариера во Бока Јуниорс, клубот каде стана легенда, со 279 настапи, 94 голови и 11 трофеи. За време на кариерата, играл и за Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус, Вест Хем и Коринтијанс.
Затоа, неговиот проштален натпревар на „Ла Бомбонера“ не се очекува да биде само прослава на неговата кариера, туку ако Меси и Роналдо навистина се присутни, стадионот би можел да биде сцена на еден од најочекуваните фудбалски настани во последните години.

