Во Лондон е изведен историски медицински зафат, при што за прв пат се употребува систем со вештачка интелигенција за време на операција на мозокот во реално време.
Првиот пациент е 48-годишниот Рис Хиберт од Бедфордшир, кој имал тумор од 11 милиметри на хипофизата. Туморот бил сместен на многу опасно место, блиску до каротидните артерии и нервите што влијаат на видот.
Поради сложената позиција на туморот, хирурзите требало да бидат исклучително внимателни. Со помош на специјално развиениот систем со вештачка интелигенција, во текот на операцијата била анализирана снимка од камера на дополнителен екран, на кој се означувале крвните садови и нервите кои не можеле да се забележат со голо око.
Ова им помогнало на лекарите да одредат најбезбедниот пристап до туморот, што резултирало со успешно отстранување на поголемиот дел од него.
Хиберт, кој пред дијагнозата бил целосно здрав, почнал да се жали на проблеми со видот, замор и вртоглавици, но без двоумење прифатил да биде првиот пациент на кој ќе се тестира оваа технологија.
По операцијата, резултатите биле охрабрувачки. Хиберт изјави дека неговиот вид значително се подобрил, а исчезнале и симптомите кои ги чувствувал пред интервенцијата.
Лекарите објаснуваат дека вештачката интелигенција не ја заменува улогата на хирургот, туку служи како дополнителна помош во форма на „пар очи“ во операционата сала. Системот бил обучуван на основа на стотици снимки од операции на хипофизен тумор.
Истражувачкиот тим планира поголемо клиничко испитување, со надеж дека оваа технологија во иднина ќе стане значајна алатка за сложени неврохируршки процедури.

