Шведски државјанин бил уапсен откако системот „Безбеден град“ забележал дека вози со екстремно висока брзина на автопатот А1. Возачот, 39-годишниот М.С., бил запрен на граничниот премин Табановце, додека се обидувал да ја напушти Македонија со автомобил „фолксваген“ со српски таблички.
По проверката во полицискиот систем, утврдено е дека М.С. веќе имал евиденција за сериозни сообраќајни прекршоци. Камерите го снимиле како вози 175 километри на час на делница каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час. Ова претставува кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.
По завршената проверка на Табановце, шведскиот државјанин бил лишен од слобода, а против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


