Во Бангладеш, вниманието на јавноста беше привлечено од џиновска скулптура висока 15 метри, направена од пластичен отпад. Оваа необична инсталација, која има застрашувачки изглед, всушност носи важна порака за последиците од загадувањето на морињата и океаните.
Скулптурата е поставена во туристичкиот регион Кокс Базар, познат по својата долга плажа. Наместо традиционални материјали, за нејзиното создавање била искористена пластика собрана од крајбрежјето, за да се прикаже колкав обем отпад завршува во природата.
Проектот бил реализиран од уметници од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Дака и им бил потребен околу 20 дена. Пластичниот материјал е собран од различни локации, вклучувајќи Инаани, Текнаф и островот Свети Мартин.
Иницијативата е поддржана од фондацијата „Бидијанондо“ во соработка со локалните власти, со цел да се подигне свеста за еден од најголемите еколошки проблеми на денешницата – пластичниот отпад кој ги загрозува морските животни.
Покрај изложбата, проектот вклучува и едукативни активности за посетителите, кои притоа ќе имаат можност да дознаат повеќе за загадувањето и начините за заштита на животната средина. За да гледаат едукативни филмови, посетителите ќе треба да донесат по две пластични шишиња.
Иако изгледа како чудовиште од филм, оваа скулптура всушност предочува она што луѓето секојдневно оставаат зад себе. Нејзината цел е да потсети дека пластиката не исчезнува, туку може да заврши во океаните и да предизвика долгорочни последици за природата.

