Замислете дека гледате видео од поле со рози и истовремено ја чувствувате нивната арома. Или пак, додека гледате емисија за готвење, да почувствувате мирис на свежо кафе. Тоа што изгледаше како научна фантастика, наскоро би можело да стане реалност.
Научници од шведскиот институт „Каролинска“ направија голем напредок во развојот на технологија која им овозможува на мирисите да се дигитализираат, испратат преку интернет и повторно да се создадат на друга локација.
Технологијата работи на интересен начин. Специјален инструмент го анализира воздухот со конкретен мирис, препознава хемиските соединенија и ги мери нивните концентрации. Потоа, добиените информации се претвораат во дигитален запис кој може да се испрати преку интернет.
На страната на примателот, потребен е посебен уред наречен „хемиски екран“, кој комбинира различни основни мирисни состојки за да создаде точно оној мирис што соодветствува на испратениот дигитален запис.
Истражувачите ја споредуваат оваа технологија со функционирањето на телевизорите. Како што комбинирањето основни бои произведува различни нијанси, така и комбинирањето на основи мирисни состојки создава различни ароми. Тимот досега успеал да дигитализира и реконструира три различни мириси, но не открива кои се тие, бидејќи работат во конкурентна технолошка трка.
Важно е да се напомене дека не се испраќа самиот мирис, туку информациите потребни за негово повторно создавање. За да го почувствува, примателот мора да поседува соодветен уред. Зад овој проект стои меѓународен тим од експерти во невронауката, хемијата и вештачката интелигенција, финансиран од Европскиот истражувачки совет со грант од 11,8 милиони евра.
Ако технологијата продолжи да напредува, таа може да ги промени нашите начини на комуникација, купување и консумирање дигитални содржини. Замислете во иднина да добиете електронска порака со мирис на омилен парфем или да почувствувате аромата на кафето за време на видеоповик со вашиот соговорник.
Следната голема интернет-револуција можеби ќе биде не само во она што го гледаме и слушаме, туку и во она што го чувствуваме.


