Истрагата за несреќниот настан во Богданци доби нови информации. Според неофицијални извори, второто тело пронајдено во опожарениот автомобил е на 17-годишна девојка, за која се сомнева дека е убиена од нејзиниот 21-годишен партнер. Момчето, исто така мртво, било пронајдено недалеку од возилото.
Според непотврдени информации, 21-годишникот наводно се обесил. Причините за смртта на малолетничката сè уште не се познати, а клучни одговори се очекуваат по обдукцијата и вештачењата.
Загриженост предизвикуваат и податоците дека девојката претходно била жртва на насилство од нејзиниот партнер. Случајот бил пријавен во полицијата на почетокот на октомври, откако на 30 септември 21-годишникот физички ја нападнал.
Поради пријавениот инцидент, момчето било притворено на 1 октомври. Надлежните органи, согласно процедурата, известиле за случајот, а дополнителни информации за понатамошната постапка сè уште не се објавени.
Трагичниот настан беше пријавен на 3 ноември, кога жител забележал запалено возило во Горно Село, како и тело во близина. Полициските екипи потврдиле дека починатиот е 21-годишниот В.Г. од Богданци, а смртта била констатирана од медицинска екипа.
По гаснењето на пожарот, во автомобилот било откриено и второто тело, за кое се смета дека припаѓа на млада девојка. Правосудниот систем продолжува со истрага за утврдување на причините за смртта и сите околности поврзани со трагедијата.


