Вознемирувачка снимка од Вилнус, главниот град на Литванија, се прошири на социјалните мрежи откако маж украл статуа на Исус Христос од црковен двор, ја носел по улица, а потоа таа паднала и се распарчила на тротоарот.
Инцидентот се случил на 11 ноември, околу 21 часот, во дворот на Светилиштето на Божествената милост во стариот дел на Вилнус. На снимката од надзорните камери се гледа како маж ја носи скулптурата обоена во златна боја, додека друг човек го фотографира. Во еден момент статуата се крши и паѓа на земја, по што двајцата се оддалечуваат од местото.
Снимката предизвика многубројни реакции, а црковната заедница побара помош од јавноста за да се идентификуваат лицата вмешани во инцидентот.
Локалната полиција почна истрага и на 14 ноември соопшти дека го идентификувала осомничениот. Тој бил сослушан, а против него е поднесено известување за сомневање. Постапката се води за нарушување и сквернавење место од јавна почит.
Иако дел од странските медиуми објавија дека станува збор за пијани британски туристи, литванските власти засега не ја потврдиле неговата националност, ниту дали бил под дејство на алкохол.


