Двајца мажи од САД биле примени на психијатриско лекување откако одеднаш престанале да го земаат лекот за слабеење „Маунџаро“. Нивните случаи се опишани во ново истражување на психијатри од Универзитетот во Пенсилванија, а лекарите предупредуваат дека прекинот на ваква терапија кај некои чувствителни лица може да биде поврзан со сериозни последици.
Првиот пациент, 61-годишен маж, по прекинот на лекот развил збунетост, параноја, депресивно расположение, како и слушни и видни халуцинации. Вториот пациент, 52-годишен маж, за шест месеци ослабел околу 45 килограми, по што почнал да покажува симптоми на манија. Поради влошената состојба, двајцата биле хоспитализирани.
И покрај тоа, научниците нагласуваат дека овие два случаи не значат дека токму прекинот на лекот директно ги предизвикал психичките проблеми. Двајцата пациенти и претходно имале одредени психички тешкотии.
Кај вториот пациент дополнително биле утврдени ниско ниво на витамин Б12 и зголемена употреба на канабис, што уште повеќе ја отежнало процената на причините за неговата состојба.
Авторите на истражувањето наведуваат дека психијатриските последици од наглото прекинување на терапијата со вакви лекови сè уште не се доволно истражени. Тие повикуваат на поголема претпазливост и на дополнителни истражувања за подобро да се утврдат можните ризици, особено кај луѓе со претходна историја на психички нарушувања.
Случаите отвораат прашања за тоа како прекинот на терапијата за слабеење може да влијае врз здравјето на одредени пациенти, но експертите предупредуваат дека не смее да се извлекуваат општи заклучоци врз основа на само два регистрирани случаи.

