Возачите што ќе возат невнимателно низ бари и ќе ги испрскаат пешаците може да добијат парична казна од 35 евра во денарска противвредност. Иако ваквата ситуација често изгледа како ситен инцидент, во сообраќајните прописи во Македонија таа е предвидена како прекршок.
Според член 124 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач е должен да ја приспособи брзината кога на коловозот има вода. Со тоа треба да се избегне прскање на пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот.
Слични правила постојат и во други земји, каде што ваквото однесување може да донесе и построги последици. Во Велика Британија, прскањето пешаци може да се третира како невнимателно возење, што покрај парична казна може да повлече и казнени поени. Во Норвешка казните, според наведените податоци, може да достигнат и неколку стотици евра, додека во Јапонија се споменува санкција од околу 45 евра.
За пешаците, минувањето на автомобил низ бара со голема брзина не е само непријатно, туку може да значи и целосно мокра облека. Затоа, во деновите со дожд и задржана вода на улиците, од возачите се очекува поголема внимателност и намалување на брзината кога се приближуваат до бари.

