По 13 години чекање и со огромни очекувања од милиони обожаватели низ целиот свет, видеоиграта „Grand Theft Auto 6“ (GTA 6) започна со резултати какви што ретко се гледаат во индустријата за забава. Во првиот ден од продажбата, играта остварила приходи од 3,79 милијарди долари, со што поставила нов рекорд за најголемо лансирање производ од забавната индустрија.
Од „Rockstar Games“ соопштија дека новото продолжение на популарната франшиза ги надминало сите досегашни рекорди. Според нивните податоци, уште пред официјалното објавување биле продадени 32,5 милиони примероци, што претставува рекорд за претпродажба на сите платформи.
Успехот е уште повпечатлив ако се спореди со оној на „Grand Theft Auto 5“, која излезе во 2013 година и во првите 24 часа заработи околу 800 милиони долари. Тоа значи дека новата игра постигнала речиси пет пати поголема продажба во истиот период.
Пред да бидат објавени официјалните бројки, аналитичката компанија „Sensor Tower“ процени дека GTA 6 веќе достигнала приход од околу 2,36 милијарди долари и продала приближно 24,5 милиони примероци, вклучувајќи ги и преднарачките и купувањата на денот на премиерата.
Новата игра пристигна по повеќе од десет години чекање и ги враќа играчите во измислената американска држава Леонида, инспирирана од Флорида, со Вис Сити како една од клучните локации. Приказната ги следи Лусија и Џејсон, двајца ликови вплеткани во криминални авантури.
Овој огромен финансиски успех уште еднаш ја покажа моќта на индустријата за видеоигри и тоа колку долгоочекуваните наслови можат да ги надминат и најголемите филмски и музички продукции.
Со заработка од 3,79 милијарди долари за само еден ден, GTA 6 веќе испиша ново поглавје во историјата на светската индустрија за забава.


