Пејачот Милан Станковиќ со години беше едно од најпознатите имиња на регионалната музичка сцена, а потоа ненадејно се повлече од јавноста и им се посвети на верата и духовниот живот.
Иако денес ретко се дознава нешто за неговото секојдневие, зад неговиот успех и насмевка стои тешка животна приказна, обележана со семејна трагедија и болни спомени од детството.
Милан останал без татко кога имал само пет месеци. Неговиот татко завршил во затвор откако, поради долг, убил човек со кого работел во пекарница. Пејачот еднаш јавно зборувал и за трагичниот крај на својот татко, но и за своите сомнежи во врска со неговата смрт.
„Имав само пет месеци кога татко ми отиде во затвор. Поради некаков долг убил човек со кого работел во пекарница. По пет години ни јавија дека паднал од скеле и загинал, но јас не верувам во тоа. Мислам дека станувало збор за крвна одмазда“, рекол Милан во интервју за српскиот магазин „Свет“.
Најтешки му биле писмата што татко му ги испраќал од затвор. Едно од нив случајно го пронашол и тогаш, како што раскажал, целосно се скршил. Знаел дека не може да го врати татка си, а во меѓувреме мајка му се борела сама да ги издржува него и неговата сестра.
Подоцна Станковиќ нагласил дека не сака повторно да зборува за таа семејна трагедија, затоа што тоа е рана што никогаш целосно нема да зарасне. „Болните приказни стануваат уште потешки кога се пренесуваат низ медиумите. Тука не станува збор за никаква мистерија, туку за семејна трагедија што не треба да биде медиумска атракција. Тоа е рана што никогаш нема да зарасне и најмалку што можам да побарам е луѓето да не копаат по неа“, изјавил тој за „Story“.
Освен со семејните тешкотии, Милан се соочувал и со врсничко насилство на училиште. Како што самиот открил, трпел навреди, му го кинеле училишниот ранец и го исклучувале од друштвото. Поради тоа често се повлекувал во себе и утеха наоѓал во сопствениот свет.
„Она што не те убива, те прави посилен, барем така беше во мојот случај. Преживеав многу работи, меѓу нив и врсничко насилство. Ми се потсмеваа, ми го кинеа ранецот и ме исклучуваа од друштвото. Затоа секогаш велам дека поважно од добрата оценка е да бидеш добар човек и да ги заштитиш послабите“, рекол Милан.
Особено тешки за него биле шестото и седмото одделение, период кога често се затворал во својата соба и бегал во светот на глумата и сцената.
Денес Милан Станковиќ живее далеку од естрадните рефлектори. Неговото повлекување од јавноста и посветеноста на верата и духовноста и натаму будат интерес, а неговите обожаватели сè уште се надеваат дека еден ден повторно ќе се врати на музичката сцена.

