in

Трагедија во Букурешт: камион за отпад усмрти 17-годишна ученичка, ја удрил и ја влечел речиси 100 метри

Во тешка сообраќајна несреќа во Букурешт животот го загубила 17-годишната Теодора Мируна. Девојката трагично загинала на пат кон училиште, откако била удрена од камион за собирање отпад, кој потоа ја влечел околу 100 метри.

Несреќата се случила во четврток наутро, додека Теодора одела кон средното училиште „Јулија Хашдеу“, каде што учела.

Според досегашните сознанија од истрагата, камионот ја удрил при свртување надесно. Дополнителен шок за јавноста предизвикал фактот што возилото не застанало по ударот, туку продолжило да работи и да празни контејнери кај околните станбени објекти.

Полицијата го пронашла возачот дури по повеќе од три часа, на место што било оддалечено околу пет минути возење од локацијата на трагедијата.

Станува збор за 26-годишен маж, кој пред истражителите изјавил дека не почувствувал дека удрил во некого. Како можна причина навел дека девојката можеби се наоѓала во таканаречениот мртов агол на камионот.

Тој засега се брани од слобода, додека надлежните продолжуваат да собираат докази и да ја утврдуваат одговорноста за несреќата.

Во истрагата се проверува и дали Теодора во моментот на ударот користела слушалки или била загледана во својот мобилен телефон.

Нејзиното тело го забележал случаен минувач, кој веднаш повикал помош. Итните служби брзо пристигнале, но за младата ученичка веќе немало спас.

Теодора била ученичка во трета година од средното образование и активно учествувала во работата на училишната театарска група. Нејзината ненадејна смрт оставила голема тага кај соучениците, наставниците и родителите.

Трагедијата повторно го отвори прашањето за безбедноста на пешаците, особено во близина на училиштата. Родителите и граѓаните бараат дополнителни мерки за да се спречат вакви несреќи и да се заштитат децата во сообраќајот.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Мајли Сајрус тајно се омажи за Макс Моранд