По откажувањето на концертот на сплитската Рива, Дино Мерлин се соочува со нова неизвесност и во Црна Гора. Неговиот настап во Бар, планиран за 1 јануари 2027 година како дел од новогодишната програма, би можел да биде откажан поради високите трошоци за организација.
Според медиумските написи, вкупната цена за ангажманот на пејачот надминува 300.000 евра. Во таа сума се вклучени хонорарот на Мерлин и бројните услови наведени во неговата листа со технички барања, што предизвикало незадоволство кај дел од жителите на Бар, кои сметаат дека тоа е преголем товар за градскиот буџет.
Неименуван извор наведува дека Општина Бар не може да одвои толку голема сума, поради што веќе стапила во контакт со менаџерскиот тим на пејачот. Од неговиот тим, наводно, било побарано да ги намали техничките барања за да се намалат трошоците и да се овозможи концертот сепак да се одржи.
Доколку не се постигне договор, постои можност настапот да биде откажан, а конечната одлука се очекува во следните неколку дена.
Слична ситуација неодамна се случи и во Сплит. Градоначалникот Томислав Шута на 20 ноември соопшти дека Градот нема да го потпише договорот за настапот на Мерлин на Рива, закажан за 30 декември, по бурните реакции во јавноста поради цената.
Тогаш од тимот на Мерлин соопштија дека прифатената понуда изнесувала 140.000 евра бруто, а во таа сума биле вклучени неговиот тим и промотивната кампања. Најавија и дека натамошната комуникација со Градот Сплит ќе ја препуштат на меѓународен правен тим.
Засега, откажувањето на концертот во Бар не е официјално потврдено, а исходот ќе зависи од натамошните преговори меѓу организаторите и менаџерскиот тим на Дино Мерлин.

