Судот во Мајорка донесе привремена одлука според која поранешниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер секој месец ќе мора да издвојува по 15.000 евра за секој од своите тројца синови со поранешната сопруга, српската тенисерка Ана Ивановиќ.
Со тоа, неговата вкупна месечна обврска изнесува 45.000 евра, односно околу 540.000 евра годишно.
При одредувањето на износот, судот ги зел предвид неговите финансиски можности, но и животниот стандард на кој децата се навикнати. Во овие трошоци се вклучени исхраната и ангажирањето персонал, меѓу кој готвачи, дадилки, куќни помошнички и градинари.
Според германските медиуми, Ана го задржала старателството врз децата, како и куќата на Мајорка, која ја купила пред бракот.
Иако Швајнштајгер ја заврши професионалната кариера во 2019 година, неговите приходи и натаму се високи. По повлекувањето од фудбалот, се насочил кон телевизиска работа и од 2020 година работи како фудбалски аналитичар на германска телевизија.
Неговиот договор важи најмалку до 2027 година, а проценките се дека за едно телевизиско појавување заработува меѓу 10.000 и 25.000 евра.
Дополнителни приходи има и од рекламни и спонзорски договори. Меѓу нив е и голема кампања за познат синџир за брза храна, поврзана со Светското првенство во фудбал во 2026 година.
Неговото богатство неофицијално се проценува на 60 до 70 милиони евра. Најголем дел од него го стекнал за време на успешната фудбалска кариера, во која освои бројни трофеи, меѓу кои и светската титула со Германија во 2014 година.

