Во истанбулската населба Ускумруќој на 22 ноември било пријавено дека е забележано животно за кое се претпоставувало дека е лавица. Веднаш била почната потрага, во која учествувале десетици припадници на надлежните служби, ветеринари и специјализирани екипи.
Според турските медиуми, пребарувањето продолжило и во текот на ноќта, но животното веќе не било забележано со термалните камери. За проверка на теренот биле користени и беспилотни летала, како и опрема за ноќно набљудување, а биле пребарувани и блиските шумски подрачја.
Во акцијата биле ангажирани повеќе од 70 лица, а Белградската шума во близина на местото била затворена за посетители од безбедносни причини.
Сепак, по детална анализа на снимките од безбедносните камери, надлежните соопштија дека животното на снимките не е лав, ниту друг вид голема дива мачка. При теренските проверки, исто така, не биле најдени докази што би потврдиле дека навистина станува збор за лавица.
Истанбулското обвинителство во меѓувреме отворило истрага за да се утврди од каде потекнува животното, а се проверува и можноста тоа да избегало од нечиј имот.
Дополнителни сомнежи предизвикале и изјавите дека животното било видено во близина на кокошки, но не ги нападнало. Тоа ја засилило претпоставката дека можеби станува збор за животно што претходно било чувано во заробеништво.
Иако првичната пријава предизвика голема вознемиреност кај жителите, засега нема официјална потврда дека низ Истанбул навистина се движи лавица. Надлежните продолжуваат со проверките за да ја разјаснат состојбата.

