Дваесетгодишен маж од Косово е уапсен под сомнение дека лажно се претставувал како тешко болен од леукемија и на тој начин собрал речиси 190.000 евра хуманитарни донации од граѓани. Според косовските власти, Ендрит Аземи организирал кампања за собирање пари за наводно лекување од акутна леукемија, користејќи фалсификувана медицинска документација од болница во Истанбул.
Во периодот од 9 до 21 ноември биле собрани вкупно 189.206 евра. Повеќе од 162.000 евра пристигнале преку интернет-платформи, а преку хуманитарни активности биле собрани уште над 26.000 евра, покажуваат податоците од истрагата.
Случајот предизвика големо внимание во Косово, откако многу граѓани донирале, уверени дека му помагаат на млад човек кој се бори со тешка болест.
Осомничениот бил уапсен на 21 ноември, а Основниот суд во Гњилане му определил 30-дневен притвор.
Надлежните институции ги блокирале идентификуваните банкарски сметки, а во Германија дел од средствата собрани преку платформата GoFundMe веќе почнале да се враќаат. Органите на прогонот продолжуваат да ги утврдуваат сите околности поврзани со наводната измама.

