in

Ева Живковска: Се гледам како млада и успешна оперска пејачка и имам уште многу да научам

Младата и талентирана оперска пејачка Ева Живковска уште од рана возраст чекорела кон музичката сцена. Љубовта кон операта ѝ се родила на 15 години, а своето образование го започнала во Македонија, иако отсекогаш сонувала за големи сцени. Денес го продолжува школувањето во Австрија, каде што веќе подготвува концерти и други проекти.

Ева вели дека нејзината дарба за музика први ја забележале нејзините родители, по што ја запишале на часови по пијано во нижото музичко училиште во Скопје. Најголема заслуга за нејзината љубов кон операта, како што раскажува, има нејзината тогашна професорка Светлана Донковска, која со голема посветеност ѝ зборувала за овој музички жанр. Со секојдневна работа и упорност, вели Ева, стигнала до местото каде што е денес.

Таа признава дека отсекогаш верувала во своите соништа и дека денес се гледа како млада и успешна оперска пејачка која сè уште има многу што да научи. Особено ѝ е драго што токму пеењето ја однело во Салцбург, а сонот за големите оперски сцени полека станува стварност.

Кога настапува, Ева чувствува како да влегува во сосема друг свет. Пред да излезе на сцена, како што вели, низ мислите ѝ минуваат сите детали на кои работела, а потоа му се препушта на мигот, музиката и емоцијата. За неа, најубавиот миг е кога ќе почувствува дека успеала да ја пренесе емоцијата и до публиката.

Образованието го продолжува во Салцбург, на еден од најпрестижните музички универзитети во светот – „Моцартеум“, каде што студира пеење на магистерски студии. Приемниот испит бил сериозен и траел шест дена, а на него учествувале кандидати од целиот свет. Ева истакнува дека во Македонија ги направила првите музички чекори и дека таму се родила љубовта кон операта, додека во Салцбург најмногу ја чувствува темелната подготовка за сцена, работата на вокалната техника, интерпретацијата и изговорот на различни јазици, како и можноста да учи од врвни професори.

Во моментов, Ева работи на нов репертоар и се подготвува за повеќе концерти во Салцбург и Виена, како и за оперска продукција во Салцбург во март.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Манчестер Јунајтед почнува реконструкција, Покетино го посакува дефанзивецот на Брентфорд