Негативниот природен прираст и натаму останува сериозен демографски проблем во Македонија. Бројот на новородени деца продолжува да опаѓа, а најновите статистички податоци покажуваат дека и во третото тримесечје од 2026 година во земјава починале значително повеќе лица отколку што се родиле.
Според податоците на Државниот завод за статистика, од јули до септември 2026 година биле регистрирани 4.160 живородени деца, што е за 4,8 проценти помалку во споредба со истиот период лани, кога биле родени 4.370 деца.
Во истиот период починале 4.807 лица, што е за 0,1 процент повеќе отколку во третото тримесечје од 2025 година, кога биле регистрирани 4.801 починато лице.
Разликата меѓу бројот на родени и починати изнесува 647 лица, па природниот прираст е негативен. Особено загрижува и податокот дека меѓу починатите во овој период имало 19 доенчиња.
Статистиката покажува и дека од јули до септември биле склучени 3.524 бракови, што претставува зголемување од 0,5 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Во истиот период биле регистрирани и 397 разводи, наспроти 414 во третото тримесечје од 2025 година.
Овие податоци повторно ја отвораат темата за демографската состојба во Македонија и за континуираниот пад на бројот на новородени деца.

