Полицијата го расчисти убиството кај Смилковското Езеро и го приведе 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, кој е осомничен за смртта на 38-годишниот Ш.Е. од селото Љубин. Против осомничениот е поднесена кривична пријава за кривичното дело „убиство“.
Според МВР, лицето било лишено од слобода вчера, по спроведени оперативни проверки и прибрани информации поврзани со случајот. Во разговор со полициските инспектори, тој објаснил и како било извршено делото.
Трагичниот настан бил пријавен на 21 ноември, кога случаен минувач на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци, забележал тело на маж покрај патот.
Полициските екипи излегле на терен и при увидот утврдиле дека починатиот е 38-годишниот Ш.Е. од Љубин. На неговото тело била забележана прострелна рана на ногата, а во близина било пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, кое го користел починатиот.
По собирањето и обработката на доказите, полицијата, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривична пријава против осомничениот. Засега нема официјални информации за мотивот на убиството, ниту за можна поврзаност меѓу двајцата мажи, а надлежните институции продолжуваат да постапуваат по случајот.

