Во текот на нашето еволутивно минато, значителна количина на неандерталска ДНК се измеша со нашата и влијаеше на многу од нашите денешни карактеристики, од тоа како реагираме на бројни болести до нашиот изглед.
Една нова студија од Универзитетот Клемсон и Универзитетот Лојола во САД покажува дека дел од тој наследен генетски материјал би можел да биде поврзан со нарушување на спектарот на аутизам, со специфичен полиморфизам во ДНК од неандерталците кој е почест кај луѓето со аутизам во споредба со општата популација. пишува rts.rs.
Тимот научници анализирал ДНК на 3.442 лица со и без аутизам, меѓу кои имало прилично еднаков број Афроамериканци и белци.
„Се проценува дека евроазиските популации имаат околу два отсто ДНК на неандерталците, која е добиена од мешање откако модерните луѓе мигрирале надвор од Африка“, се наведува во студијата.
Со неодамнешното секвенционирање на повеќе архаични човечки геноми, постои голем интерес за нивното влијание врз современото човеково здравје.
Претходните истражувања покажаа дека ДНК на неандерталците обликува одредени делови од мозокот. Бидејќи луѓето со аутизам имаат слични нервни патишта, потенцијалната улога на неандерталските гени е она што истражувачите сакаа да го испитаат повнимателно.
Студијата идентификуваше 25 специфични полиморфизми кои можат да влијаат на генската експресија кај луѓето со аутизам. Во некои случаи, била вклучена и епилепсија, состојба со која често се поврзува аутизмот.
На пример, варијантата на генот SLC37A1 била присутна кај 67 проценти од Кавкајците со аутизам и епилепсија, кои исто така имале членови на семејството со аутизам. За споредба, истата варијанта е пронајдена кај само 26 проценти од аутистите без епилепсија и кај 22 проценти од луѓето без аутизам или епилепсија.
Научниците истакнуваат дека луѓето со и без аутизам не се разликуваат многу по количината на неандерталската ДНК што ја поседуваат, туку по тоа колку се чести одредени варијации.
Иако ова е многу сложена слика, доказите се доволно силни за да гарантираат понатамошна истрага во идните студии. Американските научници објаснуваат дека има уште многу да се научи за неандерталците и нивното долгорочно влијание врз нашата физиологија, но и за тоа како аутизмот го менува начинот на кој функционира мозокот.



GIPHY App Key not set. Please check settings