Од октомври, граѓаните ќе можат да имаат дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола директно на мобилниот телефон преку новата апликација м.Услуги.
Оваа апликација ќе им овозможи на корисниците да пристапуваат до своите дигитални лични документи, како и до различни електронски услуги од државата, со цел тие да бидат побрзо и полесно достапни.
Во моментов се завршува протоколот за размена на податоци со Министерството за внатрешни работи, кое ги чува информациите, додека се тестира функционалноста на апликацијата. Приоритет се безбедноста, заштитата на личните податоци и стабилноста на системот пред официјалната достапност.
Апликацијата ќе биде достапна за преземање преку App Store и Google Play, а тест-верзијата досега ја користеле околу 6.000 граѓани.
Според најавите, ова е само еден од чекорите кон целосна дигитализација на државните услуги, со намери мобилниот телефон да стане дигитален паричник за безбеден пристап до документи и услуги на институциите.


