Настанот, што требало да биде незаборавно сафари со поглед на спектакуларната Голема миграција, за момент се претвори во борба за живот во Националниот парк Серенгети во Танзанија.
Сафари-возило со четиричлената група швајцарски туристи и локален возач излетало од трасата и завршило во реката Мара, во областа Когатенде, каде што во текот на овој период се собираат големи стада гнуови и зебри.
Инцидентот се случил на 30 август и беше снимен од туристи во друго сафари-возило. На снимката се забележува како возилото се движи по неравен терен, губи контрола и продолжува кон водата.
Во хаосот, една од туристките била исфрлена од возилото пред да заврши во реката, а останатите морале брзо да го напуштат џипот откако тој влегол во водата.
Реката Мара е позната по нилските крокодили, а токму нејзините брегови се местото каде што се случуваат драматичните преминувања на стадата за време на Големата миграција. Среќата е што сите петмина успеале да излезат од возилото. Танзаниската управа за национални паркови (TANAPA) потврди дека нема пријавени повреди, а компанијата чиј автомобил бил вклучен во инцидентот соопштила дека туристите продолжиле со своето патување.

