Необичен настан ги шокираше жителите на Велингтон, Нов Зеланд, по појавата на млада фока која се движела по улиците и блиску до сообраќајниците.
Случајот се случил на 27 септември, кога полицијата добила пријава за фока која ја преминува Hutt Road. Потоа, животното било пронајдено во близина на железничката станица, каде повторно се обидело да се врати во вода.
Поради потенцијалната опасност за фоката и возачите, полицијата, по совет од новозеландскиот Department of Conservation (DOC), ја пренела фоката на безбедно место.
Потоа, животното било пуштено назад во неговата природна средина.
Ова не бил единствен случај. Според DOC, за само 72 часа биле примени скоро 75 повици за појави на фоки во необични делови на Велингтон, што е зголемување од 200 проценти во однос на вообичаените пријави, особено во периодот наречен „seal silly season“.
Млади фоки биле забележани на различни локации, вклучувајќи велосипедската патека Петоне–Велингтон, индустриската зона Сивју, крајбрежјето во Петоне и дури во близина на парламентот.
Една млада фока, особено љубопитна, морала да биде преместена пет пати во еден ден, бидејќи постојано се враќала на прометни места.
„Seal silly season“ се однесува на периодот од јуни до септември кога младите фоки активно ја истражуваат околината и можат да се појават на непредвидливи локации.
DOC истакнува дека новозеландските крзнени фоки можат да се оддалечат неколку километри од обала, па често можат да бидат забележани на патишта, во дворови или дури во градски улици.
Иако изгледаат мирно, DOC предупредува дека фоките се диви животни и можат да се однесуваат агресивно ако се почувствуваат загрозени. Граѓаните се советуваат да се држат на растојание од најмалку 20 метри и да не ги допираат или преместуваат без соодветна помош.
Во случај фоката да се најде во непосредна опасност, граѓаните треба да известат надлежните органи за безбедна интервенција.


