Британскиот готвач и телевизиска ѕвезда Гордон Ремзи доби своја ѕвезда на Холивудската патека на славните, со што стана првиот британски готвач на кого му е доделено ова престижно признание.
Свеченото откривање се одржа на 18 ноември во Лос Анџелес, а Ремзи ја доби 2.864-тата ѕвезда на оваа позната патека. Таа е поставена веднаш до ѕвездата на американскиот готвач Гај Фиери.
На настанот присуствуваа неговата сопруга Тана и ќерката Тили, а честитки му упатија и актерот Џоел Мекхејл и телевизиската личност Лиза Вандерпамп.
Ремзи на шега рече дека секоја сабота лично ќе доаѓа да ја полира својата ѕвезда, нагласувајќи колку му значи ова признание.
Неговата кариера трае со децении и опфаќа работа во врвна гастрономија, ресторани со Мишелинови ѕвезди и популарни емисии како „Hell’s Kitchen“, „MasterChef“ и „Kitchen Nightmares“.
Церемонијата донесе и убави семејни вести, бидејќи Ремзи откри дека наскоро ќе стане дедо, откако неговата ќерка Холи го очекува своето прво дете.


