Кевин О’Лири, инвеститор и ѕвезда од шоуто „Shark Tank“, предизвика жестиока дебата на интернет со своите совети за управување со финансии од страна на младите.
Во едно од своите гостувања во подкастот, О’Лири го коментирал влијанието на малите, секојдневни трошоци на долгорочната финансиска состојба. Како пример, тој спомнал млад човек со годишна заработка од 70.000 долари кој троши 28 долари за ручек.
„Не можам да ги поднесам младите кои трошат 28 долари за ручек кога нивната годишна плата е 70.000 долари. Тоа е навистина нелогично“, изјавил О’Лири.
Според него, проблемот е во пропуштената можност за инвестиции, а не во самиот ручек. О’Лири објаснил дека кога 28 долари се инвестираат во индексен фонд со просечен годишен принос од 8 до 10 проценти, по 50 години таа сума може да достигне стотици илјади долари.
Тој ја истакнал важноста на сложената камата и редовното инвестирање, нагласувајќи дека мали, но конзистентни навики можат да направат значителна разлика во финансиската ситуација за време на пензионерските години.
Сепак, неговите совети не наидоа на општо одобрување. Некои корисници на социјалните мрежи се согласиле дека непотребното трошење е проблем и дека младите треба порано да започнат да штедат и инвестираат.
Други, пак, му противречеа, истакнувајќи дека заработката од 70.000 долари не е реална за многу млади од генерацијата Z, кои се соочуваат со високи кирии, студентски долгови, инфлација и зголемени трошоци за живот.
Коментарот на О’Лири за ручекот од 28 долари повторно отвора дебата – дали проблемот лежи во личните навики на трошење или во економските услови со кои младите се соочуваат?
Сигурно е дека советот на О’Лири стана една од најкоментираните теми во светот на финансии на социјалните мрежи.


