Во истанбулската населба Ускумрукој, во општината Саријер, владее вознемиреност откако лавица била забележана како слободно се движи по улиците. Надлежните служби веднаш почнале голема потрага, која трае од синоќа, но животното сè уште не е фатено, иако е утврдено подрачјето во кое се наоѓа.
Лавицата била забележана во неделата вечерта, на 22 ноември, по пријава од жител. Потоа биле прегледани снимки од безбедносни камери, на кои се гледа животно за кое се претпоставува дека е лавица.
Во акцијата учествуваат жандармеријата, службите за заштита на природата и националните паркови, како и локалните општински екипи. За полесно да ја пронајдат, ангажирани се тимови со термални камери, а на терен се и ветеринари специјализирани за вакви интервенции.
Според турските медиуми, лавицата е лоцирана во шумско подрачје, но обидите да биде успана со специјална стрела засега не дале резултат. Во текот на ноќта, животното повторно им се изгубило од видик на екипите.
Жителот Арда Коч, кој го пријавил случајот, изјавил дека и самиот тргнал со автомобил низ населбата откако слушнал дека е забележана лавица. Додека возел, животното ненадејно се појавило пред неговото возило, по што тој веднаш ја известил жандармеријата. Според неговите зборови, службите пристигнале за само пет минути.
Коч изразил грижа за безбедноста на жителите, особено затоа што во населбата има многу семејства со мали деца.
Сè уште не е познато како лавицата се нашла во населено место, ниту кој е нејзиниот сопственик. Една од можностите што се разгледуваат е дека можеби избегала од приватен имот во близина, но тоа засега не е официјално потврдено.
Турските медиуми јавуваат дека е отворена истрага за да се утврди потеклото на животното и одговорноста за неговото чување. Во меѓувреме, властите ги повикале жителите на претпазливост, а во делови од населбата се воведени дополнителни безбедносни мерки, меѓу кои и ограничување на движењето. Приоритет, велат надлежните, е лавицата да биде фатена жива и безбедно згрижена.

