Младиот пејач Марио Арангеловски на својот Фејсбук профил објави прашање поврзано со станбеното прашање.
Како што пишува, ако тој со редовни примања нема храброст да подигне станбен кредит, како ли тие со минимални примања го доживуваат ова осамосталување.
„Имам едно прашање… Како еден млад човек во оваа наша земја може да си го реши станбеното прашање, без криминално досие или татко со тазе добиена отштета зад себе?
Со месеци размислувам на тема “стан”. Сметам дека на мои 28 години сум спремен за самостоен живот. Стално со моите пријатели (врсници) ја зачнувам темава, и се стекнавме со впечаток дека живееме во паралелен универзум.
Ако јас, кој имам редовни примања, а, паралелно се занимавам и со музика и социјални мрежи, од кои што исто така заработувам, немам “храброст” да подигнам станбен кредит, како ли некој со минимални примања го доживува тоа осамосталување. Никако, веројатно. Невозможна мисија!
Можеби проблемот и не е во мојата храброст, можеби само разумот не ми дозволува. Какви се овие цени, побогу? Од каде ми се на мене, (на 28 години, повторувам) 1.500 евра за метар квадратен? Зошто цените во Куманово се скоро па идентични како оние во главниот град? Што се случува и дали воопшто ќе заврши оваа агонија?
Прашањето ми е следно…
Дали и какви привилегии државата им нуди на младите при решавање на нивното станбено прашање, без само да се заглават во кредит за цел живот, кој треба да го покриваат секој месец со една просечна плата која е малтене смешна?
Без намера да посочам со прст или навредам било кого, оти знам дека ова е глобален проблем, навистина би сакал да добијам соодветен одговор или потенцијално решение, макар охрабрувачко“, пишува Арангеловски.



GIPHY App Key not set. Please check settings