Случајот со двудневното новороденче што беше повредено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје добива нови и вознемирувачки детали. По инцидентот при вадењето на инфузијата, кога со ножици му бил пресечен дел од палецот, бебето морало да биде оперирано под анестезија.
Директорот на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазо Јовчевски, потврдил дека веднаш по повредата бил повикан детскиот хирург д-р Лазар Тодоровиќ, кој интервенирал и го презел лекувањето на новороденчето.
Поради крвавењето што не престанувало, било неопходно бебето да биде подложено на хируршка интервенција под општа анестезија. Дополнително загрижува и информацијата дека при повредата била ампутирана дисталната фаланга, односно завршниот дел од прстот, па новороденчето сега има пократок палец.
Несреќата се случила на 16 ноември, додека медицинскиот персонал се обидувал да ја отстрани инфузијата, која била прицврстена со леплива лента и завој. При употреба на ножици за отстранување на материјалот, бил пресечен дел од прстот на бебето.
Претходно, таткото, Аднан Азизи, ја изнесе својата верзија на настанот, а од ГАК го потврдија случајот и соопштија дека веднаш бил повикан детски хирург.
Случајот веќе го разгледала Комисијата за квалитет, а најавен е и состанок на Дисциплинската комисија, која треба да ги утврди причините за инцидентот и евентуалната одговорност на медицинскиот персонал. Од Клиниката порачаа дека, ако се утврдат пропусти, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи.


