На македонската музичка сцена се појавува ново младо име, Димитар Веслиевски од Охрид, кој со своите 19 години презема иницијатива во создавањето на сопствени песни и искрени емоции. Тој својот пат во музиката го започна со дебитантската песна „Твоето име“.
Димитар започна да се интересира за музика уште од мали нокти, а со текот на времето неговата страст прерасна во желба да создава оригинални композиции и да ги споделува со своите слушатели. По долг период на подготовка и работа, тој го направи својот прв значаен чекор во реализацијата на музичките амбиции.
Текстот на „Твоето име“ е негово дело, а преку стиховите тој ја изразува својата лична емоција и креативност. За продукцијата на песната, Димитар соработуваше со познатиот македонски продуцент Хари Котларовски.
Музичкиот видеоспот за песната е реализиран од Даниел Јовески, кој успеа да ја пренесе атмосферата и емоцијата на композицијата преку визуелните кадри.
За Димитар, оваа дебитантска песна е многу повеќе од прво појавување пред публиката; таа е почеток на неговото авторско патување и можност да ја сподели својата визија и чувства со оние што ќе се пронајдат во неговите стихови.
Но тој не застанува тука. Димитар Весиљевски сега ја промовира новата песна „Приказна за нас“, за која повторно самиот го потпишува текстот и музиката.
Со новото издание, Димитар продолжува да го развива својот авторски стил и потврдува дека сака да создава оригинални песни со личен печат и емоција. Пред него стои нов период каде ќе има шанса да се претстави пред пошироката публика.


