Во водите крај Калифорнија се одиграла вистинска драма кога 21-годишниот сурфер Џек Канигиула се соочил со огромна бела ајкула, која ненадејно ја нападнала неговата даска и го исфрлила од водата.
Инцидентот се случил додека сурфал во близина на северниот дел од округот Санта Барбара. Тој забележал голема темна сенка под себе, а потоа ајкулата излегла од длабочината и со вилиците ја зграпчила задната половина од даската.
Канигиула изјавил дека ударот го фрлил околу два метра над водата. Успеал да ги тргне нозете од вилиците на грабливецот и да се извлече пред ајкулата повторно да нападне.
„За среќа, успеав да се оддалечам од нејзината уста“, раскажал тој, по што повторно се качил на даската и се упатил кон брегот.
Фотографиите што ги споделил на социјалните мрежи покажуваат колку била опасна средбата: задниот дел од даската е речиси целосно уништен, со големи откинати парчиња.
Канигиула проценил дека белата ајкула била долга меѓу 4,5 и 6 метри, но таа проценка не е независно потврдена. Најважно е дека 21-годишникот поминал без ниту една повреда, иако даската не ја преживеала средбата.
Објавата предизвикала многубројни реакции во сурферската заедница, а среќа му посакал и легендарниот сурфер Кели Слејтер.
„Навистина сум благодарен што поминав без ниту една гребнатинка“, напишал Канигиула.


