Италијанската полиција успеа да спречи меѓународен шверц на дрога на аеродромот “Леонардо да Винчи” во Фјумичино, каде што во куфер биле откриени повеќе од пет килограми кокаин.
Дрогата била сместена во необичен пакет, кој во прв момент изгледал како пакување со кинески “колачиња на среќата”. Оваа ситуација беше откриена непосредно пред патничката да се качи на авион за Тајпеј.
Според италијанските власти, станува збор за 40-годишна жена од Кина. При прегледот на нејзиниот багаж, полицијата пронашла 127 златни пакувања со натпис “Fortune Cookie”.
По отварањето на пакувањата, наместо колачиња, откриле мали целофански пакети со бела прашкаста супстанца. Тестирањето покажало дека станува збор за кокаин, со вкупна тежина од околу 5,2 килограми.
Во куферот имало и други предмети, како кафе и паста за заби. Истражителите веруваат дека овие производи биле употребени за да се прикрие мирисот на наркотиците и да се избегне детекција од службените кучиња.
Според проценките на полицијата, запленетата дрога можела да достигне вредност од стотици илјади евра, а ако била пласирана на азискиот пазар, нејзината вредност би можела да биде многу поголема.
Жената е уапсена и во притвор, а истрагата продолжува за да се утврди од каде потекнува дрогата и кој требало да ја преземе по пристигнувањето во Тајпеј.

