in

Ресторани на Сардинија воведуваат правило: без телефони на масата за семејствата

На италијанскиот остров Сардинија започна необична иницијатива со која рестораните сакаат да ги поттикнат семејствата повторно да разговараат и повеќе да се поврзат за време на заедничките оброци. Во 15 угостителски објекти е воведен проект според кој родителите и децата се охрабруваат да ги остават мобилните телефони, таблетите и другите електронски уреди настрана додека седат на маса.

Акцијата се нарекува „На маса без екрани“ и ја води Ана Кау, правобранителка за правата на децата и адолесцентите на Сардинија, во соработка со регионалната организација на угостителите ФИПЕ-Конфкомерчо. Пробниот период треба да трае еден месец, а целта е да се намали прекумерната изложеност на децата на дигитални содржини и да се поттикнат разговорот, дружењето и заедничкото поминување на времето во семејството.

Рестораните нема само да ги потсетуваат гостите да не користат телефони. За семејствата со деца е подготвен и „Комплет за повторно поврзување“, во кој ќе има игри, цртежи и активности приспособени за различни возрасти. Така, додека го чекаат оброкот, најмладите ќе можат да цртаат, да играат и да разговараат со родителите наместо да гледаат во екрани.

Семејствата ќе добијат и информативен материјал со совети за родителите, како и насоки за ризиците од преголема употреба на дигитални уреди и за тоа како дома да се контролира користењето на социјалните мрежи.

Иницијативата е доброволна, а организаторите сметаат дека промената мора да почне од возрасните. Според претставниците на угостителскиот сектор, нема смисла од децата да се бара да ги остават телефоните ако и родителите продолжат да ги користат за време на оброкот.

Ана Кау нагласува дека целта не е само воведување забрани, ниту целата одговорност да се префрли на родителите, туку и заедницата да создаде услови во кои децата ќе имаат повеќе можности за непосредна комуникација и социјализација.

Во проектот учествуваат ресторани од повеќе делови на островот, меѓу кои се Каљари, Нуоро, Алгеро, Олбија и Ористано. Ако иницијативата покаже добри резултати, организаторите најавуваат дека може да се прошири и во други угостителски објекти.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Казна од 35 евра за возачи што ќе испрскаат пешаци со вода