Во продавница за електроника во рускиот град Саратов, хуманоидниот робот по име Сјома стана сензација на социјалните мрежи откако со свои движења создаде впечаток дека се обидува да нападне купувач.
На снимките од безбедносните камери, се забележува како мажот првично се обидува да комуницира со роботот, за потоа да го турне. Неколку секунди подоцна, Сјома се приближи до него и со ногата изведе движење што изгледа како обид за напад.
Ситуацијата се развила брзо, а присутните се обиделе да го спречат роботот. На крајот, вработените успеале да го исклучат и да го рестартираат неговиот систем.
Видеото предизвика многу реакции на интернет, каде корисниците го споредуваа Сјома со ликови од филмови за роботи, вклучувајќи и Терминатор.
Иако чини дека роботот намерно му “вратил” на купувачот, не е потврдено дека тоа било автономна одлука или намерен напад. Можно е движењето да било резултат на програмирана реакција или технички проблем.
На интернет почнаа да се појавуваат и сомнежи дека видеото може да е наместено, но засега нема независна потврда за таквите тврдења.
Како и да е, Сјома не се предаде лесно кога беше турнат!

