Со марш на споменување и откривање на спомен-обележје, Струмица му оддаде почит на младиот музичар Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, кој на 25-годишна возраст загуби живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Точно на неговиот роденден, во градскиот парк во Струмица, беше откриено спомен-обележјето посветено на Џоко и на сите 64 жртви од трагедијата.
Маршот започна по булеварот „Гоце Делчев“, а присутните продолжија кон градскиот парк, каде во присуство на семејството, пријателите и многу граѓани, беше создадено место за да се зачува споменот на младиот струмички музичар.
Џоко ќе остане запаметен како талентиран и посветен музичар, чија добрина и карактер оставиле длабока трага кај сите што го познавале.
Посебно емотивен момент беше приказната за неговиот тапан, кој бил подарен на дете како спомен на Џоко и неговата љубов кон музиката, продолжувајќи така да живее неговата музичка приказна.
Од собирот беше упатена порака дека Џоко и сите останати жртви никогаш не треба да бидат заборавени, а нивното сеќавање е потсетник за важноста на безбедноста и одговорноста.
Спомен-обележјето е реализирано со поддршка од Општина Струмица и градоначалникот.


