Тамара Котевска, по успесите што ги оствари со документарните филмови „Медена земја“ и „Приказната за Силјан“, е избрана за членка на престижното меѓународно жири на „Planet Health Film Fund“ за 2026 година.
Станува збор за голема светска иницијатива што поддржува документарни остварувања посветени на планетата Земја, а вкупниот фонд изнесува 100.000 фунти.
Котевска ќе биде дел од изборната комисија заедно со истакнати имиња од светската филмска индустрија, меѓу кои се Кејт Таунзенд, директорка за документарни филмови во „Нетфликс“, Паола Матура, директорка на Филмскиот институт „Санденс“, и Мет Скарф, генерален директор на „БАФТА Алберт“.
Жирито ќе ги разгледа пристигнатите филмски проекти и ќе избере пет режисери што ќе добијат финансиска поддршка од по 20.000 фунти.
Овој избор претставува уште едно важно признание за досегашната работа на Котевска и за нејзиното место во меѓународните филмски кругови. Конечната одлука за петте избрани документарни проекти ќе биде соопштена на 16 декември.


