Во јужниот дел на Делхи, во областа Сатија Никетан, се урна петкатна зграда, при што спасувачките екипи веднаш започнаа со акција за пребарување на урнатините.
Според првичните информации, во моментот на уривањето во зградата можеле да бидат присутни меѓу 30 и 50 лица, најмногу студенти. Точниот број на евентуално заробени лица сè уште не е познат.
Од урнатините се слушале повици за помош, а некои од заробените успеале да воспостават телефонска врска со своите роднини.
На местото на настанот веднаш пристигнаа пожарникари, полицајци и спасувачи, вклучувајќи и припадници на Националните сили за одговор на катастрофи. Спасувачите со помош на тешка механизација и специјализирана опрема внимателно ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
Досега неколку лица се извлечени и пренесени во болница, а процесот на спасување продолжува. Првичните наоди покажуваат дека во подрумот на зградата во моментот на уривањето се изведувале градежни работи. Надлежните органи треба да утврдат причините за случката.
Спасувачите продолжуваат со пребарување, а властите стравуваат дека под урнатините сè уште може да има заробени лица.

