Постои силна врска помеѓу перцепцијата на времето и обработката на информациите. Колку повеќе информации обработува нашиот ум, толку побавно минува времето. Затоа настаните за време на кои апсорбираме голема количина на информации (како конференции, часови на училиште) ни изгледаат толку долго, објаснува психологот и професор Стив Тејлор.
Спротивно на тоа, додава тој, кога остануваме во нашата нормална средина, повторувајќи ги истите познати искуства со истите луѓе, времето има тенденција да тече брзо.
На поиндиректен начин, обработката на информации помага да се објасни зошто времето се забрзува кога сме среќни (во апсорпција) и се забавува кога ни е досадно, пишува тој за Psychologists Today.
Апсорпцијата е посебен когнитивен стил на „тотално“ внимание што целосно ги ангажира нечии репрезентативни (т.е. перцептивни, имагинативни и идеациски) ресурси и го подобрува еден аспект на реалноста над другите.
Во апсорпцијата обработуваме релативно малку информации, посочува тој.
Очигледно обработуваме информации од некоја активност што го привлекува нашето внимание (на пример, забавно предавање, книга или филм), но ова е прилично мала количина во споредба со другите состојби на умот.
Ние го стеснуваме нашето внимание на еден мал фокус и ги блокираме сите други потенцијални извори на информации во нашата околина. Што е најважно, нашите умови стануваат тивки – главно без размислување – така што обработуваме многу малку когнитивни информации.
Меѓутоа, кога нашето внимание е дифузно или нефокусирано – во состојби како што се досада, нетрпеливост или анксиозност – огромно количество когнитивни информации тече низ нашите умови.
Иако можеби не изгледа директно поврзано, обработката на информации исто така помага да се објасни зошто времето се чини дека се забрзува како што старееме, вели Тејлор.
Во една неодамнешна студија на 918 возрасни, спроведена од психологот Рут Огден, 77 отсто од испитаниците се согласиле дека Божиќ доаѓа побрзо секоја година (14 отсто биле неутрални по ова прашање, додека само девет отсто не се согласуваат).
Интересно е тоа што ко-истражувачите на Оџенова го поставиле истото прашање за Рамазан на ирачки примерок и добиле многу сличен одговор.
Вообичаено е луѓето да чувствуваат дека времето тече бавно во текот на нивното детство.
Ова е главно затоа што како деца имаме толку многу нови искуства и на тој начин обработуваме огромна количина на перцептивни информации.
Децата имаат и нефилтрирана и интензивна перцепција на светот, што ја прави нивната околина да изгледа поживописна.
Меѓутоа, како што старееме, имаме се помалку и помалку нови искуства. Подеднакво важно, нашата перцепција за светот станува поавтоматизирана.
Прогресивно стануваме помалку чувствителни на нашата околина. Како резултат на тоа, постепено апсорбираме помалку информации, што значи дека времето поминува побрзо. Времето е помалку оптоварено со информации.
Сепак, постојат одредени работи што можеме да ги направиме за да „се спротивставиме“ на процесот на забрзување на времето.
Најочигледно – да воведеме нови работи во нашите животи – на пример, патуваме на нови места, учиме нови хоби и запознаваме нови луѓе.
Алтернативно – а можеби и поефективно – можеме исто така да го „забавиме времето“ со тоа што ќе живееме умно, обрнувајќи внимание на нашите секојдневни искуства со гледање, слушање, чувство и слично.
И двата горенаведени методи го зголемуваат количеството на информации што ги обработува нашите умови и на тој начин ја прошируваат нашата перцепција за времето.
Тие покажуваат дека иако искуството на забрзување на времето со возраста е вообичаено, тоа не е неизбежно, заклучува Тејлор.
GIPHY App Key not set. Please check settings