Јована Јоксимовиќ решила да замине од Танјуг и за тоа ги известила вработените со порака за збогување.
Во пораката, до која дошол порталот „Newsmax Balkans“, таа потсетила дека пред шест години станала дел од, како што навела, големата медиумска приказна и од „најдолговечната и највлијателната новинска агенција на овие простори“.
Јоксимовиќ напишала дека во тие шест предизвикувачки години бил изграден систем со 90 новинари и уредници, дека дневно се објавуваат околу 400 вести и повеќе од 120 видеосодржини, како и дека агенцијата има најсовремен систем за пренос на вести. Таа навела и дека Танјуг денес има вкупно 220 вработени.
Според неа, агенцијата се менувала за да стане помодерна и поефикасна, а корисниците, пред сè медиумите, да можат целосно да се потпрат на неа. Во рамките на таа идеја била создадена и телевизијата Танјуг. Таа додала дека нивниот модел станал препознатлив и на европско ниво како пример за преобразба на традиционална новинска агенција во интегрирана медиумска компанија.
Јована исто така истакнала дека, паралелно со работата во Танјуг, ја водела и утринската програма на телевизијата К1.
„Сега дојде моментот кога морам да направам избор и да се откажам од нешто. Донесов тешка, но важна и добро промислена одлука, пред сè поради моите приватни и семејни обврски. Поднесувам оставка и се повлекувам од работата во агенцијата и телевизијата, за што веќе ги известив мнозинските сопственици“, навела Јоксимовиќ во својата порака за збогување.


