На концертот на Крис Браун во Лос Анџелес се случи неочекуван момент кога пејачот, за време на изведбата на хитот „Take You Down“, покани на сцената повозрасна обожавателка, која веднаш стана главна тема на социјалните мрежи. Настапот се одржа на 15 ноември во арената „SoFi Stadium“, во рамките на заедничката турнеја на Крис Браун и Ашер. Наместо помлада обожавателка, како што многумина очекувале, овојпат избра повозрасна жена.
Таа се појави на сцената со стап, впечатливо крзнено палто, шапка и очила за сонце, но нејзиниот изглед беше само дел од изненадувањето. Со насмевка ја прифати поканата и целосно му се препушти на настапот. Крис Браун ѝ приреди провокативен танц за време на песната, а во еден момент ја одведе и до црвената софа на сцената, што предизвика големо воодушевување кај публиката.
Подоцна беше откриено дека обожавателката се вика госпоѓа Џојс, а по настапот таа се обрати со порака што дополнително ги насмеа корисниците на социјалните мрежи. Само еден ден подоцна, Крис Браун објави и фотографии од нивниот заеднички миг на сцената, со кратка порака: „LOVE HER“.
Видеото брзо се прошири на интернетот, а коментарите не стивнуваат. Дел од луѓето се шегуваат дека госпоѓа Џојс ќе има што да раскажува на семејната вечера, додека други велат дека пејачот ѝ подарил спомен што никогаш нема да го заборави. Очигледно, токму таа беше ѕвездата на вечерта.


