Продажбата на една од вредните слики на Винсент ван Гог предизвика правен спор, откако наследниците на семејството Фишер побараа аукциската куќа „Сотби“ да го повлече делото од претстојната аукција. Тие тврдат дека сликата била продадена под принуда во време на нацистичкиот прогон.
Станува збор за делото „Расцветани костени“, насликано во 1890 година, кое се проценува на околу 180 милиони долари. Аукцијата е закажана за 18 ноември во Њујорк.
Наследниците наведуваат дека нивните предци биле принудени да се откажат од сликата во 1936 година, во период кога еврејските семејства во Германија биле изложени на силен економски и политички притисок од нацистичкиот режим.
Делото порано му припаѓало на германскиот издавач Самуел Фишер, кој го купил во 1909 година. По неговата смрт, сликата останала во семејството, а подоцна била продадена во околности што денес се оспоруваат.
Од „Сотби“ соопштија дека се запознаени со барањето на наследниците и дека се во контакт со нивните претставници. Аукциската куќа тврди дека досегашните проверки не покажале дека продажбата била извршена под принуда, но додава дека е подготвена за натамошни разговори.
Доколку се реализира, продажбата би можела да го урне досегашниот рекорд за дело на Ван Гог. Неговата најскапо продадена слика досега постигна цена од 117,2 милиони долари во 2022 година.


